Најновиот филм за Џејмс Бонд "Казино Ројал" во кој, во улогата на
славниот таен агент 007 на Нејзиното кралско височество, се појавува
актерот Даниел Креиг, синоќа во Лондон имаше свечена премиера во
вистинска "ројалистичка атмосфера", на која присуствуваше британската
кралица Елизабета Втора и нејзиниот сопруг, војводата од Единбург.
За
премиерата на филмот, работен според првиот роман на Иан Флеминг,
напишан уште во 1953 година, плоштадот Лестер во центарот на Лондон
беше целосно преуреден и посебно осветлен, јави дописникот ма МИА од
Лондон.
Илјадници лондончани и странски туристи се собраа на
просторот околу киното Одеон за да го поздрават новиот Џејмс Бонд, по
заминувањето на досегашниот Пирс Броснан, како и големиот број угледни
почесни гости.
Британската филмска критика вели дека станува
збор за "најдобриот досега направен филм од серијата", а за актерот
Даниел Креиг (38) се вели дека е "најдобриот Бонд што се појавил по Шон
Конери". Сите медиуми посветуваат внимание на средбата на Џејмс Бонд со
Кралицата, објаснувајќи дека "тајниот агент" конечно се сретна со
"својот работодавач".
Креиг изјави дека целата атмосфера околу ваквата премиера е "возбудувачка".
-Ова
се случува еднаш во животот и се обидувам да уживам во тоа, изјави
актерот кој досега ја немаше можноста со ниту еден свој филм да добие
внимание какво што го има сега. Продуцентот Барбара Броколи вели дека
"Казино Ројал" е тестаментален роман на Иан Флеминг кој досега не е
употребен за правење филмови со агентот Бонд, иако со тоа е почнато
уште во 1962 година. Во филмот ги нема ликовите на иноваторот Љ и на
секретарката Манипени, додека како единствен лик од претходната серија
со актерот Пирс Броснан е задржана само улогата на британската актерка
ветеран Џуди Денц, која го толкува ликот "М", кодирано име за сефот на
МИ6 и на агентот Џејмс Бонд.