Академијата за
филмски науки и уметност ги објави номинациите за најпрестижните
филмски награди Оскар, кои ќе бидат доделени на 25 февруари. Водечката
позиција на листата ја зазеде мјузиклот
Dreamgirls, со вкупно осум номинации, но на општо изненадување не се најде во категоријата за најдобар филм.
Веднаш зад мјузиклот, по број на номинации е драмата
Babel,
која успеа да влезе во седум категории вклучувајќи ја и таа за најдобро
филмско остварување. Заслужно место во оваа најважна категорија добија
и крвавата акција на Мартин Скорсезе
The Departed, воената сага на Клинт Иствуд
Letters From Iwo Jima, романтичната комедија
Little Miss Sunshine во режија на Џонатан Дејтон и Валери Фарис и хрониката за британската монархија
The Queen на Стефан Фриарс.
Што
се однесува до категориите во кои се наградуваат актерките во главна
улога, во неа оваа година се најдоа имињата на Хелен Мирен за улогата
на кралицата Елизабета во
The Queen, двојната оскаровка Мерил Стрип за ликот во филмот
The Devil Wears Prada, Пенелоп Круз за остварувањето во шпанскиот филм
Volver, Џуди Денч за
Notes on a Scandal и Кејт Винслет за својата улога во
Little Children.
Категоријата најдобра машка главна улога, ја претставуваат актерите Форест Витејкер за филмот
The Last King of Scotland, Леонардо ди Каприо за
Blood Diamond, Рајан Гослинг за улогата во
Half Nelson, Питер О’Тул за ликот во
Venus и Вил Смит за остварувањето во филмот
The Pursuit of Happyness.
Мартин Скорсезе доби нова шанса за Оскар, со тоа што се најде во категоријата најдобар режисер за работата на филмот
The Departed. Негови конкуренти се Алехандро Гонзалес Инариту за
Babel, Клинт Иствуд за
Letters from Iwo Jima, Стефан Фриарс за
The Queen и Пол Гринграс за
United 93.
На огромно жалење на сите фанови на казахстанецот Борат, филмот е номиниран само во една категорија, за адаптирано сценарио.
Комплетната листа на номинации
тука.