НАТПРЕВАРОТ ВО НЕДЕЛА ПРОТИВ ШЛАГЕЛСЕ НЕМА ДА СЕ ИГРА НА "ГЕР-ФЛОР" ПОДЛОГАТА
"Кометалки" ќе играат на паркет
КОМЕТАЛ Ѓ. П. (МКД) - ШЛАГЕЛСЕ (ДАН)
Недела, 14.01.2007 - 15:50ч
Сала: СРЦ "Кале" во Скопје.
Судии: Мирослав Баум и Марек Горалчук од Полска.
Делегат: Францоис Муленерс од Белгија.
Дуелот од 2. коло од групата "Д" меѓу Кометал Ѓ. Петров и Шлагелсе
ќе се одигра на паркет откако подлогата "гер-флор" веќе еден месец не е поставена одново во СРЦ "Кале". Таа нема да биде поставена одново за оваа средба така што натпреварот ќе се одигра на старата подлога.
Според информациите коишто ги добивме од канцеларијата на Кометал Ѓ. Петров од страна на претставниците на ЕХФ нема никакво побарување за да се игра на специјална подлога, па затоа натпреварот против Шлагелсе ќе се игра на паркет.
Мал проблем, но во поглед на играта може да биде тоа што ракометарките се подготвуваа во најголемиот дел од сезоната на
подлогата "гер-флор", па оттаму ова ќе биде само нова измена за нив.
Тие годината ја почнаа на паркет така што само ги сменија условите во
коишто работеа во октомври и ноември.
Проблемите со подлогата во СРЦ "Кале" почнаа уште на стартот на минатиот месец кога на неколку места се поткрена паркетот поради што мораше поставениот "гер-флор" да биде отстранет за да може да се изврши санација. Тоа се случи на средината на минатиот месец откако завршија сите натпревари од првенството во машка и во женска конкуренција.
Инаку, салата е подготвена за натпреварот којшто претстои така што нема никакви проблеми. Разликата е само во тоа што сезоната од Лигата на шампионите во женска конкуренција ќе мора да се игра на паркет како што беше случај и во минатите години.
Што се однесува до тимот на Кометал Ѓ. Петров, тој како што е веќе познато средбата ја дочекува во карантин. Сите 16 ракометарки на коишто Портној може да смета во моментов се во комбинација и конкурираат за 14 места за дуелот во недела против Шлагелсе. Кои од нив ќе добијат шанса веројатно ќе се знае по последниот тренинг, а голема е веројатноста одлуката да падне дури после загревањето (пред самиот почеток) на средбата против тимот од Данска. Секако, потребно е на терен да се имаат 14 максимално подготвени ракометарки за предизвикот кој претстои бидејќи бодовите се
максимално потребни од неделниот меч.
Билетите 200 денари
Сите заинтересирани љубители на ракометот од денеска на плоштадот во Скопје ќе може да дојдат до билет за натпреварот против Шлагелсе. Цената е 200 денари.